• НАШИТЕ ОСНОВНИ УЧИЛИШТА
Единствен заштитен простор кој дури ни денационализацијата не го допира, се основните училишта. Но, нивните дворни места се огледало на општеството. Чудно е што некои (градоначалниците) размислуваат да дадат дел од дворното место под наем, а никој не размислува каде децата ќе го минат своето слободно време. Некои дури си дозволуваат да ги обвинат децата и за девијантно однесување. Тие се деца и пливаат каде што водата ги носи, а водата е општеството. Ако децата се мотивираат сами да се грижат са своето училиште како за свој дом,се активираат сами да ги бојадисуваат оградите, цртаат на корпите за отпадоци, садат растенија не само на Денот на дрвото и се грижат сами за нив - одговорноста ќе ги созрее и ќе станат позрели и од нас возрасните.
Основните училишта се објекти со греење и служба за одржување на хигена што ја плаќаат сите граѓани, па автоматски и на сите ни припаѓа. Затоа сите треба да се грижиме не заборавајќи што е најдобро за децата.
Наместо на нашите деца да им бидеме такси возачи, можеме да остапиме простор за посета на часови по странски јазици и да плаќаме само професори, да организираме хорови, оркестри, простор за вежбање на групи, играорни, модерни танци, користење на спортските сали.Култот кон физичката активност како и културната надградба е култ кон животот.
Да организираме курсеви за готвење (многу родители во периодов на транзиција која е благ термин за хаосот кој ни трае како кошмар) доцна доаѓаат дома и колку да сакаат не можат и немаат скогаш време да им подготвуваат јадење на децата. Ако ги обучиме нашите деца сами за себе да се грижат и ние ќе бидеме порелаксирани. Што ќе им фали да бидат како Џејми Оливер или Рејчел, да ги користат рецептите од Храна и вино, а сето под надзор на училиштето.
Може да бидат организирани курсеви за шиење и во текот на годината да има модни ревии на кои секој може да учествува со сопствената креација.И колку да изгледа наивно нашите баби и мајки нема цел живот да бидат со нас за да ни ги шијат копчињата, па затоа ќе мораме занаетот да го научиме. Сепак не е ова Елдорадо со таков стандард да поради едно копче или дупче ги фрламе алиштата.
Нема да ги запоставиме ниту децата што ќе сакаат сами да направат полици, да монтираат корниза или маса за компјутер да направат од иверица.
Но, сите овие активности можат да ги посетуваат нивните родители и дедовците, се разбира во нивните генерациски секции. Да ги зближиме членовите на семејствата.
Фамата околу компјутерот ќе мораме да ја соголиме. Компјутерите се само алатка со која се заработува за живот, но животот е многу повеќе. Децата треба да ги научиме дека игрите на компјутерите со противнички табори и нивна победа, е опасна идеја да се создаде општество на отуѓеност.
Што тоа значи?
Децата комуницираат преку скајп. Заборавија правилно да пишуваат и говорат гледајќи се во очи. Се повлекуваат во своите соби (како телетабиси во дупките) и единствено се гледаат преку мониторот. Немаат време за ручек бидејќи се насред игра кога некој од Кореја може да ги победи. Домашните работи и учењето со книга е најголемата кавга во домот, додека исклучувањето од интернет најголемата казна. Некогаш најголемата казна беше да не излезеш од дома со што ти ја скратуваа играта. И сега е исто само што играта од улица и детскиот џагор во кој уживаат најмногу нашите горди дедовци и баби, сега се претворија во тишината на тастаурата.
Што треба да направиме?
Училиштата да ги претвориме во Домови на образование, култура, физичко здравје и дружење на сите генерации.
Дворот треба да биде поделен на зони.
Децата кога ќе излезат на одмор треба да им биде обезбеден простор на отворено и под настрешница( за време на дожд, снег и пресилно сонце за да имаат каде да се скријат).
Во секој двор треба да се има скулптура на човекот според кого училиштето го добило своето име.Тој треба да гледа кон зградата и да ги чува децата кои на својот патронат ќе му одадат почит, а со своето однесување и награди ќе му го слават името. А нема да се скрнави ако на децата им се пренесе одговорноста да го чуваат. Просторот на отворено пред бистата треба да преставува место за собири и манифестации.
Училниците и оградите треба да бидат заштитени со високо зеленило кое ќе го изолира просторот од надворешната бучава, загаденост и ќе го заштити од прашина.
Далеку од училниците да бидат изградени отворени спортски игралишта.
Во близина на игралиштата да има парк за другарување на отворено со зеленило, клупи со маси (за разговор, играње шах, славење на родендени) настрешници, чешми, фонтани, скулптури. Да,зошто да не се слават родендени во училиштен двор,под соодветен надзор и средување на дворот пред и потоа-без материјална надокнада за откуп?
Во еден дел треба да егзистира градина засадена со овошни дрвја, зеленчук, зачини, цвеќиња што ќе ги негуваат ученици.Секоја генерација ќе може да ужива во своите производи додека помладите ќе се запознаваат со културите гледајќи ги додека не дојде нивниот ред да ги произведат. На овој начин на едукација не ќе мораме преку интернет да им покажуваме на децата како изгледа растението - пиперка или тутун – нашата земјоделска гордост.
Еден дел треба да и биде посветен на тишината.Тоа е простор каде што ќе може на мир да се чита, размислува, едноставно да се ужива.
Дека сето ова не е само приказна, направивме обид да предложиме уредување на дворот на ОУ Х.Т.Карпош. Во прилог на текстот ви ја доставуваме скицата. Ова е начинот на кој ние ја изготвуваме нашата програма.
Станете дел од нашата приказна и направете ја реалност. Крајно време е!

• ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ НА ОПШТИНА КАРПОШ
Потенцијалите за развој во општината треба да се разгледуваат во границите на градежниот реон дефиниран со ГУП на град Скопје и територијата на атарите на населените места Нерези и Бардовци бидејќи Злокуќани се приклучи во градежниот реон на Скопје.
Ќе почнеме од еден сегмент: Што има општината како културно наследство што може да се искористи за развој. Тоа е античката населба СКУПИ што се наоѓа меѓу Бардовци и Злокуќани, Аквадуктот кој се наоѓа крај патот Скопје-Качаник, конаците на Хавзи-Паша во с.Бардовци и црквата Св. Пантелјемон во с. Нерези.
Скупи е основан од римскиот императорот Домицијан, град со римски самоуправни права кој бил најголем на просторот од Солун на југ и Дунав на север.
Аквадуктот е изграден во 16 век, кога во Скопје почнува интезивно градење на амами и џамии, за чија градба и фунционирање биле потребни големи количества чиста вода што низ аквадуктот била дотурана од каптирани извори во Скопска Црна Гора.
Конаците на Хавзи Паша се изградени во првата половина на 19 век и претставуваат еден од највидните споменици на станбената архитектура на Балканскиот Полуостров.
Црквата Св. Пантелејмон - посветена на Св. Пантелејмон заштитник на здравјето е изградена во 12 век. Фреското сликарство според својот квалитет се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство, а фреската „Оплакување Христово“ ја сметаат за предвесник во ренесансното сликарство со јасно изразените внатрешни чуства на мајката Богородица чиј плач и болка ги пара срцата.
БАРДОВЦИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР
Следејќи ја историјата, местоположбата на Бардовци е најпогодно место за
Центар на културата.
ЗЕМЈОДЕЛИЕ
Производството на зелка што е традиција во ова населено место треба да се замени со друга култура, а тоа се зимзелени расади и цвеќиња.Во првите години општината ќе го откупува зимзелениот расад и цвеќињата за потребите на својата општина, а потоа би бил направен стратегиски план за натамошен пласман во градот, државата и други земји.
ТУРИЗАМ
Бардовци ќе стане село на цвеќињата и центар на културата на Карпош. Тоа ќе му го овозможат посетата на туристите на античкиот локалитет Скупи, Аквадуктот и конаците на Хавзи Паша кои во ноќниот период би биле претвораени во културен центар. Населбата треба да биде уредена со програма во која ќе бидат дефинирани содржините на угостителски, занаетчиски и трговски објекти.
ПРОИЗВОДСТВО, ДИСТРИБУЦИЈА И СРВИСИ
Дел од источната зона на атарот на с. Бардовци која граничи со сервисната зона на с. Визбегово, а се наоѓа на меѓународниот правец Скопје-Приштина да биде пренаменета во зона за незагадувачка индустрија, сервиси и магацини.Потребно е да се изврши комесација на земјиштето во договор со сопствениците и да биде оформена квалитетна зона која инфраструктурно ќе биде опремена со што ќе може да се понуди на пазарот. На овој начин многу стопанственици кои бараат земја за изградба на магацини,производни хали и сервиси како од нашата општина така и други жители ќе имаат шанси да купат легално наменско земјиште, инфраструктурно опремено со можност веднаш да почнат да градат.
ПАРК ШУМА
Зајчев рид според ГУП е планиран за Парк шума со површина од 7ха.Тоа е одличен простор за прошетка, а воедно и е најблискиот простор кој може да биде икористен како видиковец на општина Карпош.
НЕРЕЗИ ЗАШТИТНИК НА ЗДРАВЈЕТО
Симболот на с. Нерези по кој е познат е црквата Св. Пантелејмон чии светец е заштитник на здравјето, а велат дека ништо во животот нема случајно. Уште во 12 век не случајно ја изградиле црквата на најубавото место на планината Водно од каде има поглед врз целата долина. Св. Пантелејмон од Нерези го штити нашето здравје и тоа треба да се претвори во бренд.
Центарот на здравјето во Скопје треба да биде Парк шума Водно со површина планирана во ГУПот од 4573ха. каде се наоѓа црквата Св. Пантелејмон. Водно треба да го заштитиме од бесправна градба на индивидуални куќи. Треба да обележиме патеки за движење. Треба да воведеме автобуски линии, а не со автомобили да ја нарушуваме тишината на природата и истата да ја загадуваме.
Треба да создадеме простори во селото каде ќе може во тишина да се ноќева, да се продаваат лековити билки, да може да се консумира здрава храна ... Се треба да биде во знакот на доброто здравје. Со јасна идеја која е прифатлива за населението во с. Нерези ќе се овозможи развој на селото, бидејќи сега истото се занимава со екстензивен начин на одгледување добиток кој не е профитабилен.
ЦЕНТАР НА ОПШТИНАТА
Тоа е просторот кај салата Партизан- симболот на општината. Плоштадот треба да биде уреден како простор на симбиоза на културата, власта, бизнисот и религијата, преку трите објекти: Дом на култура, општинска зграда со површина во кој ќе има простор за услужни и интелектуални услуги од бизнис секторот и црква. Преку јавни конкурси за објектите ќе ги добиеме најдобрите решенија со кои ќе покажеме кои сме и каде одиме.
ЛЕТЕН РЕКРЕАТИВЕН ЦЕНТАР
Се наоѓа помеѓу ул. Илинденска и река Вардар. Ќе се испланираат водени површини со угостителски објекти. Водата што ќе се користи од подземни бунари што се планирани во водостопански објект на крај од ул. Илинденска по користење од капачите ќе се употребува како технолошка вода за полевање на зеленилото во општината. Таму ќе се минуваат жешките летни денови крај водени површини и дебели ладовини уживајќи во природа, а не кријеќи се во станбена зандана.
Во комплексот треба да се изгради базен што е без трибини и е лесен за загревање и одржување за децата од општината. Само со квалитетна програма насочена кон правилен физички развој на децата ќе ги избегнеме трајните деформитети што се јавуваат во пубертетот.
РЕКРЕАЦИЈА
Треба да ја развиеме традицијата за еднаш неделно одење на планина далеку од загадениот воздух во градот. И колку лошо да звучи салите се затворени простори кадешто дишеме загаден воздух. Единствен простор кој обезбедува прошетка во природа далеку од градската бука и чист воздух е Водно. Со соодветно развивање на една традиција превентивно ќе се влијае за зачувување на здравјето на населението во општината.
ЦЕНА НА ИМОТОТ
Цената на имотот расте во населбите каде има осончани и проветрени згради, место за паркиг, зеленило, блиску основно училиште...
Цената на имотот паѓа кога врз зелените површини ќе се изградат згради, кога ќе ги снема сонцето и ветерот,кога тротоарите ќе се претворат во паркинг простор. Мора да се штити стандардот на живеење и цената на нашите имоти со обезбедување :
• зградите да останат осончани,
• улиците асфалтирани, а не преку цела година прекопани,
• да има место за паркинг,
• Да може по тротоарите да се движиме,
• Велосипедиски патеки да се направат,
• Од болести со зеленилото да се штитиме,
• Да се обезбеди простор за игра на деца,
• и место за средба на пензионери,
• Да се дефинира катче за отпад ...
• ЗАШТИТА И УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА во ОПШТИНА КАРПОШ
Почитувани сограѓани,
Вие сте привилегирани граѓани на градот Скопје, кои имаат ретка можност да живеат во Oпштина Карпош. Општина со извонреден природен потенцијал.
За тоа да остане така, ние заедно сите мора да се потсетиме на основниот закон на природата а, тоа е да го ЗАЧУВАМЕ И УНАПРЕДУВАМЕ СОПСТВЕНИОТ АРЕАЛ, а нашиот ареал (место на живеење) е општина Карпош.
Нашиот ареал ќе го зачуваме и заштитиме само ако ја почитуваме заштитуваме природата која несебично ни ги нуди своите природни вредности: водата воздухот, почвата како и биолошката разновидност - растителниот и животинскиот свет.
Почитувајќи го основниот закон на природата ќе се избориме за висок квалитет на живеење во нашата општина.
Како што секојдневно се грижиме за зачувување на својата домашна и работна животна средина, така ќе се грижиме и за зачувување и унапредување на нашата поширока животна средина, а тоа е нашата општина.
Наутро кога се спремате за своите дневни активности и кога ќе излезете од домот прво што треба да ви се случи е да го вдишете убавиот свеж и најважно чист воздух.
Водата која ви е насушна потреба, кога ќе ја испиете да почувствувате свежина и енергија која ви ја дава чистата вода што ја добивате. Незаборавајте дека водата памети, ја прима негативната и позитивната енергија што и ја нудиме.
Почвата по која се движиме и која ни дари живот, како база за раст и развој на целокупниот жив свет, е еден од основните медиуми што природата ни ги дарила.
Биолошката разновидност, тоа богатство на милијарди видови растителен и животински свет, секој со своја специфична функција во процесот на одржување на биолошката рамнотежа на нашиот живот, нешто без што животот би бил нежив.
Имаме среќа дел од природната вредност заштитена како Парк Шума Водно, да и припаѓа на нашата општина, тоа вреди да го зачуваме и користиме.
Почитувани сограѓани,
Сето ова е наше, дадено ни е на услуга, но треба и мора да го зачуваме за следните генерации, тие го заслужуваат тоа, како што некој го зачувал за нас.
Зачувувањето на чистиот воздух во нашата општина ќе го реализираме со мотивирање на стопанските капацитети во нашата општина за имплементација на европските стандарди и домашната регулатива за заштита на животната средина.
Поставување на нови мерни места за мерење на квалитетот на воздухот, регулирање на сообраќајот на сообраќајниците со подолг застој, имплементација на принципот загадувачот плаќа.
Зачувување на квалитетот и квантитетот на водата за неопходните животни функции, ќе го спроведуваме со мерки за забрана на нивно загадување: фрлање отпадни материи, рационално користење, воведување на систем на користење на технолошка вода за технолошки потреби и одржување на зелените површини.
Заштита од амбиентална бучава, за мирен и спокоен ден, е нешто на што сериозно ќе му се посветиме со имплементација на современи методи, преку употреба на вегетацијата како звучна бариера, со што ќе овозможиме зачувување на здрав психички живот за граѓаните.
Одржување на биолошката разновидност ќе ја спроведеме преку зголемување на зелените површини, хортикултурно уредување и нивно редовно одржување и негување.
Проблемот со отпадот ќе го решаваме на современ и едноставен начин, преку имплементација на принципот на три “Р”: Редуцирај, Рециклирај, Реупотреби.
Заштита преку заштеда на нашите природни извори на енергија, воведување на принципот за Енергетска ефикасност, ќе го реализираме преку воведување на алтернативни решенија за извори на енергија.
Почитувани сограѓани, знаеме дека сите го сакате ова што ви го нудиме, но исто знаеме дека кај вас се јавува едно но…, и овие се исти како останатите.
Не почитувани сограѓани, ние се што рековме ќе го реализираме заедно со вас, нашиот принцип на работа е транспарентноста и домаќинско работење, за се што ќе предложиме активно ќе бидете вклучени во донесувањето на одлуките, а Вашите идеи сугестии и критики ќе бидат секојдневно добредојдени.
Ние немаме партиски обврски, Вие сте единствената наша обврска, ние ќе постоиме за Вас, за вашите потреби за Ваш поубав живот а, заедно за убав и чист Карпош.
Нашите најмили, нашите деца, треба и мора да растат во квалитетна животна средина, уредени зелени паркови во градинките, училиштата пред зградите. Наша основна грижа е да создадеме квалитетна младина, здрави идни генерации достојни за почит и гордост.
При крајот на работниот ден, нема да мора да барате други чисти и мирни места за одмор и рекреација, тоа заедно ќе го создадеме тука, во нашата општина.
Почитуваните граѓани од третото доба, нема да имаат проблем каде во кој парк да ги шетаат своите најмали внучињата или каде да се прошетаат на чист воздух во убаво уредена средина, тоа ќе биде насекаде околу нив, тие тоа го заслужуваат.
Нашите сограѓани нема веќе да се згрозуваат од сликата на нечисти улици, од расфрлениот смет околу контејнерите околу кој се собираат бездомните животни.
Таа слика ќе биде минато, собирањето и депонирањето на отпадот ќе биде организиран на безбеден начин, на точно определени места без опасност за негово расфрлање и разнесување низ улиците.
Отпадот нема повеќе да биде извор на зарази во нашата општина.
Сагата на бездомните животни во нашата општина и стравот од нивното агресивно однесување ќе станат минато. Тие ќе бидат згрижени, третирани и давани на посвојување на љубителите на домашни миленици, тажната слика на болни и изнемоштени скитници веќе ќе ја нема.
Воведување на принципот на Јавно – приватно партнерство, како и мотивацијата на инвентивни и амбициозни лица за започнување на сопствени бизниси во областа на заштита на животната средина е наше МОТО!
Тоа е принцип со тројна корист:
- унапредување на животната средина во нашата општина
- намалување на невработеноста
- активно учество на граѓаните.
Мотивирање на најмалите, младината и граѓаните од трето доба за активно учество во реализирање на активностите за здрава животна средина.
Почитувани граѓани, со заедничка желба и активност, ќе бидеме ОПШТИНА ЗА ПРИМЕР, ќе го разубавиме лицето на општината и квалитетот на живеење на секој граѓанин на нашата општина.
Ќе има повеќе ефикасни Денови на дрвото и Зеленилото во општина Карпош.
Награди за најуреден двор, улица, населба, секој ќе даде свој придонес, секој ќе ја почувствува одговроноста од тоа што е граѓанин на општина Карпош, така секој ќе се грижи да го зачува и унапреди ликот на својата општина.
Казни за прекршување и непочитување на правилата и законите.
Секој граѓанин ќе биде горд што е дел од оваа заедница, на што многу граѓани од другите општини ќе му завидуваат.
ЗА ЗДРАВИ И СРЕЌНИ ГРАЃАНИ ВО ЗДРАВАТА И ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ВО ОПШТИНА КАРПОШ!!!
ЗА ПРЕКРАСЕН УРБАН ПЕЈЗАЖ!!!
ЗА ДОМАЌИНСКО РАБОТЕЊЕ И УПРАВУВАЊЕ СО ОПШТИНАТА!!!
• КУЛТУРЕН И СПОРТСКИ РАЗВОЈ
Познато е дека развојот на културата во рамките на општините обично се смета за нешто споредно. Во програмата на Мила Искреновиќ културата има важно, скоро централно место. Нема град без градска култура. Наспроти трендот на централизација на културата (главни финансиери да бидат Министерството за култура на Р.М. и градот Скопје), Мила нуди шанса за оптимален развој на културните активностии на општинско ниво, односно за ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА на културните компетенции.
Во таа смисла, Мила тврди дека без развој на мининални (и минималистички) културни (и супкултурни) проекти, општината се смета за – мртва инвестиција. Без здрав културен живот во општината (во што се вбројуваат и сите видови на спортски активности) – не е возможно да се има здрава градска култура, а уште помалку – култура на државно ниво.
Мила Искреновиќ ќе ги подржува искрено, и со сите расположливи финансиски средства следниве културни и супкултурни активности:
- конкурс (годишен) за најдобра поетска стихозбирка за дебитанти; трошоците за печатењето, промоцијата и дистрибуцијата паѓаат на товар на општината; добитникот ќе биде предложен за член на Друштвото на писателите на Македонија;
- конкурс (годишен) за најдобра уметничка слика или скулптура (за дебитанти); промоцијата ја организира општина “Карпош”;
- постојано отворен конкурс за архитектонски идеи за подобрување на изгледот на општината, со месечна оцена на пристигнатите иницијативи;
- поддршка (просторна и минимално – материјална) на музички (фолк, рок, џез, етно) групи, играорни и други уметничко – музички групи и проекти во рамките на општината;
- редовни (дво)месечни трибини на тема “Култура на градското живеење”, со учество на врвни предавачи и авторитети од областа на културното живеење и со активно учество на ГРАЃАНИТЕ, целта е да се подобри свеста за градското живеење;
- “Графит фест”, еднаш годишно, со покана за учество на сите графит-дружини од Скопје, кои на пробна сцена (специјално наменети паравани) ќе можат да се натпреваруваат и да добијат прва, втора и трета награда за своите мајстории. Идејата е да се направи градски “Графит-фест”, на кој сите општини би учествувале со свои дела, а општината “Карпош” би била носител, организатор и иницијатор. Најдобриот графит, со дозвола на општината, ќе може да стане дел од архитектурата на општината, со посебно наменета локација (објект!);
- потесна соработка со Драмскиот театар (кој е лоциран на територијата на општината), со тоа што аматерски театарски дружини ќе можат да ги користат сцената и советите (искуството) на театарските работници од овој европски (!) важен театар. Посебен проект: откривање на млади драмски таленти (режисери, писатели, артисти, до осумнаесетгодишна возраст). Евентуално, можно е и драмско студио за малолетници, кое би го водел авторитетен артист од “Драмскиот театар”;
- раздвижување и оживување на извесни запоставени простори на територијата на Општината, за културни цели: на пример, организација на пролетен и/или летен културен фестивал по кејот на Вардар или замрената “Лептокарија” (пантомимиачри, сликари, мали џез и етно состави, драмски точки), кои на минувачите би им понудиле забава, со гласање на публиката (купони за гласање). Победниците би се стекнале и со минимални парични мотивации за понатамошен развој, како и со признанија од Општината и градот;
- Спортска култура: за сите оние кои ја негуваат спортската култура, Мила ќе понуди специјални бенефиции: ДТ “Партизан” (на територијата на Карпош) ќе понуди цела палета спортски активности, делумно субвенционирани од општината (акција “Ниеден Карпошовец без патики”); базенот во Карпош ќе понуди организирани тренинзи и натпревари за аматери-спортисти (пливање, ватерполо). Можни се (во зависност од финансиската ситуација) и вложувања за реновирање и подобрување на спортските капацитети на ДТ “Партизан” и базенот “Карпош”. Мила Искреновиќ ќе се труди да обезбеди средства и од спонзори за развивање на спортската и духовната култура на ниво на општината. Во план е и организирање на планинарски натпревари со “противници” од другите општини; по планинарењето, на освоениот врв, ќе се организира театарска, поетска или музичка претстава со име “Карпош на врвот, врвот на Карпош”.
За реализцијата на сите овие цели, Мила Искреновиќ ќе состави културно-спортски совет на Општината “Карпош”, во кој ќе членуваат видни писатели, режисери, артисти, спортисти, менаџери.
• ИЗВОРИ НА СРЕДСТВА
За разлика од класичниот стереотип на ветувања што до сега го имаме слушано од типот на „ќе направиме ова, ќе направиме она ...“, а кое го слушаме и во денешните кампањи, ние тргнавме по малку поинаков пат:
ДА, имаме идеи и цели кон кои се стремиме, но ние ќе направиме и квалитетни проекти со кои ќе се подобри севкупната живеачка во Општината и Градот, и – за разлика од сите други - точно ЗНАЕМЕ КАКО тоа да го спроведеме НО И СО КОИ ИЗВОРИ НА СРЕДСТВА, нешто што до сега било terra incognita и табу за нашите претходници.
На располагање ни стојат поголеми и разновидни извори на финансирање на инфраструктурни и други проекти кои задираат во секоја пора на секојдневниот живот, воглавно се тоа грантови или меки кредити, пласирани преку разновидните програми на ЕУ (ИПА, ФАРЕ, КАРДС....), Светската Банка, Европската Банка за обнова и развој, како и редица на фондации и организации специјализирани за различни области на дејствување.
Наспроти сите други кандидати, ние - преку ангажман на врвни професионалци во своите области-знаеме и умееме како да ги дефинираме и оформиме потребните предлози и проекти на начин прифатлив и разбирлив за потенцијалните финансиери, забрзувајќи ја постапката и самата имплементација, со што очекуваме да добиеме значителна поддршка, како финансиска така и стручна, во реализацијата на замислите и проектите. А се со цел да се подобри квалитетот на живеењето на нашите сограѓани ...
За жал, скандалозен е примерот на досегашните градоначелници кога во два наврати беа јавно опоменувани од Министерството за Транспорт и Врски, дека НИТУ ЕДЕН ПРОЕКТ за развој на локалната и урбаната патна инфраструктура кои општините го понудиле за финансирање од странски извори НЕ Е ПРИФАТЕН И ФИНАНСИРАН, пред се поради скандалозниот квалитет на понудените проекти.
А пари во наменските фондови има, и што е најлошо – се работи за грантови! А некој не ги знаел „правилата на играта“: како да се подготви квалитетен проект и да ги активира тие бесповратни средства. Според некои анализи, секоја година, Македонија губи во просек помеѓу 50 и 100 милиони евра грант средства по овие основи, само затоа што некој не знаел како се прави тоа. Ние знаеме, умееме и сакаме.
|